05/06/2025
Претседателот на ДСР Шабан Салиу ја испофали идејата за една изборна единица
На средбата со новинарите што ја одржува неколку месеци пред локалните избори, Салиу прво ја испофали идејата на премиерот за една изборна единица, но ги спомна и 22 илјади гласачи на неговата партија што ќе бидат потенцијални гласачи на претстојните избори за кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО -ДПМНЕ.
Салиу на денешната прес конференција истакна дека го подржува изборниот модел
што се предлага од страна на нивниот коалиционен партнер ВМРО ДПМНЕ:
– Ние, како партија Демократски сили на Ромите, и јас како претседател на оваа политичка партија, го прифаќаме таквиот модел. Тоа е одличен модел за помалите етнички заедници, одличен модел за помалите политички партии да можат да се интегрираат, односно да излезат сами на избори, да добијат свои пратеници и преку свои пратеници потоа да коалицираат со онаа партија што има повеќе пратеници, односно да партиципираат во власта. Јас кога бев пратеник заедно со други пратеници што бевме актуелни во тоа време, го доставивме на два начина: Македонија да биде една изборна единица, а вториот – како загарантирани пратенички места за помалите етнички заедници. Меѓутоа, тоа не се случи, не успеавме да имаме загарантирани места. Мое лично мислење е дека доколку имаше таква можност, ДСР ќе имаше три пратеници – рече Салиу.
Втората работа за која тој ја извести јавноста е дека откако бил ослободен од притвор, одржале собрание на партијата на кое учествувале 46 општински политички организации на ДСР, при што донеле одлука дека остануваат во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние, како партија, од основањето па досега, вкупно 22 години сме верен стратешки партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицираме со нив од 2002 година. Јас, како претседател на партијата, сум овластен да ги претставувам интересите на нашата политичка партија и на нашето членство, и ќе бидеме задоволни ако постои и таков изборен модел, затоа што на тој начин можеме да добиеме повеќе пратеници. Тие 22 илјади гласачи што ги имаме се во сите општини во државата, а има шест изборни единици, што не ни дава никаква можност да добиеме пратеник, затоа што секаде имаме од 3 до 4 илјади гласачи, а тоа не е доволно. Според Донтовиот модел, ни требаат околу 8 до 10 илјади гласови во една општина за да добиеме пратеник – рече Салиу.
Тој најави дека нивните гласачи ќе гласаат за сите кандидати за градоначалници што ќе ги определи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на територијата на цела држава, како и за советниците.