22/03/2026
КРКАРДАШ - СВ. 40 МАЧЕНИЦИ
Вечерта на 21 и другиот ден, на 22 март сите патишта водат кон Кркардаш. Традицијата е тука кога битолчани им оддаваат почит на овие 40 маченици, Христови воини во чиј спомен е изградена црквата.
Кркардаш е позната локација во северниот дел на Битола во населбата Баир. Според легендата на ова место се случила жестока битка помеѓу локалното население и освојувачката отоманска војска. Имено, отоманската војска во текот на 1382-1383 година во тешки и крвави борби, наспроти силниот отпор на локалното население, успеала да ја освои Битола. Според легендата, жесток отпор дале монасите од седумдесетте манастири и цркви што постоеле во тоа време во Битола. Евронос Хаџи Бег, кој бил на чело на отоманската војска револтиран од жестокиот отпор на локалното население, им дал три дена одврзани раце на своите војници да прават што сакаат во новоосвоениот град. Едно место каде што отпорот бил особено жесток, била тврдината која што ја бранеле “четириесетте браќа” (турски – kırk + kardaş).
Нивното житие оставило длабока трага во верата на нашиот православен народ, а нивниот свет спомен со голема ревност се слави кај нас сè до ден денес. Тоа особено се чувствува во Битола, каде култот кон овие Божји угодници, особено се негува и каде постои храмот посветен токму на четириесетте севастиски маченици. На местото каде што биле погубени денес е издигнат овој храм, а како единствена трага од тоа време и сведоштво за нивното страдање, останал каменот на којшто биле посечени, еден неделив дел од сегашната црква.
Од почит кон нивната храброст, ова место до ден денес е познато како Кркардаш и во спомен е подигната црквата “Св. 40 Маченици”. На ова место голем број на битолчани го прославуваат првиот ден од пролетта, кога реки од народ се упатуваат до храмот.
#радиомрежа89