14/09/2026
Една од петте најдобри учителки во Македонија. ЧЕСТИТКИ за Габи
Признание „Просветен работник на годината“
Со задоволство и гордост споделуваме дека нашата наставничка Габриела Мерџаноска, одделенски наставник и наставник-ментор во ООУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, е добитник на признанието „Просветен работник на годината“ во РС Македонија за учебната 2025/2026 година, во категоријата основно образование – одделенска настава.
Признанието е резултат на нејзината долгогодишна воспитно-образовна работа, професионалниот ангажман и посветеноста во работата со учениците, родителите и училиштето.
Во текот на својата работа применува современи наставни методи и индивидуализиран пристап кон учениците, активно учествува во дополнителна и додатна настава, како и во бројни воннаставни активности. Учествува во меѓународни проекти, истражувања и евалуации, менторира студенти и наставници приправници, обучува наставници од регионот за имплементација на новитетите во образованието.
Особено значаен е придонесот во работата со учениците, кои со своите знаења, труд, успеси и освоени награди се најголема мотивација за нашата наставничка и нејзин приоритет во работата. Тие континуирано нижат успеси, па така и во учебната 2025/2026 година постигнаа одлични резултати и добија повеќе од 90 дипломи, сертификати, медали, благодарници и други признанија на натпревари и конкурси. Токму постигнувањата со учениците се приоритетно подрачје при добивањето на ова престижно признание.
Признанието е доделено со одлука на Претседателството на Сојузот на просветните работници на РС Македонија, по предлог на Комисијата за доделување награди и признанија и по извршено вреднување на поднесените прилози од учесниците на конкурсот.
Во рамките на овогодишниот конкурс, признанието е доделено на просветни работници од предучилишното, основното и средното образование.
Габриела Мерџаноска е првиот наш сограѓанин од Гостивар, добитник на ова престижно признание, кое традиционално се доделува секоја година.
Ѝ честитаме на нашата наставничка Габриела Мерџаноска за добиеното признание и ѝ посакуваме многу успеси во понатамошната воспитно-образовна дејност.
https://sites.google.com/view/sojuzprosvetni/%D1%81%D0%BE%D0%BE%D0%BF%D1%88%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5?authuser=0