07/12/2025
Празници се ближат
Ете нѐ пред прагот, пред портите, пред влезот на нови животни мигови, нови 365 деноноќија. Чувството дека доаѓа нешто ново, дека влегуваш во нешто ново е добрата стара предновогодишна илузија, која како магија нѐ обзема сите. Наскоро ќе ја испратиме старата и ќе ја дочекаме Новата 2026-та година. Ја прелетавме како еден ден. Нашата неминовност е токму минливоста. Времето е предизвикувач и господар. Не се натпреварувајте со времето и со часовникот, немилосрдни се. Не се враќаат назад, не можеш да ги контролираш. Да не е украсувањето на домовите, излозите, дворовите, улиците и институциите, нема да ни текне дека празници се ближат. Красиме и китиме, ја маскираме тагата. Но како да се раскитиме од низата непријатностите наредени како издувани балони. Како да украсиме души празни, порозни, снеубавени. Ќе славиме, како и секоја година, ќе си посакуваме, подаруваме, пријателствуваме, но каде да ги оставиме тагата, болката, загубите, несреќите. Кој да тагува место нас? Годинава многу несреќи, многу тага, многу болки неизлечиви. Ни најблескавите лампиони, ни најраскошните новогодишни трпези нема да ни ја накитат и заситат напатената душа. Душа која што губи друга душа, вечно гладува. И само што ќе посакам да се израдувам, да ги израдувам ученици, со радост да ја поставиме повторно на сцена хуманитарната Корчагинска ⚜️Сказноприказна ⚜️за да ги израдуваме дечињата, ќе ми текне на сите оние наши и ваши небесни ангели, на нивните најблиски, на нивните празни кревети, соби, празни шкафови и куфери, на празнината оставена зад себе, па ќе се посрамотам пред себе дека имам право да се радувам додека некој тагува. Многу празнини годинава. И покрај многуте индивидуални задоволства, свадби, крштевки, животни радости и успеси, сите сме со колективна грутка во грлото. Додека некаде се гладува и војува, ние живееме слободно. Барем така мислиме. Па ете така, слободно, најслободно да се преиспитаме претпразнично, колку добрини сме направиле и споделиле во текот на изминатава година. Ќе ни ги детектираат со камера сообраќајните прекршоци за да се види на дело дека сме сообраќајно неписмени. Прекршокот за 51 км, ме асоцира на книгата 50 нијанси на сиво. Алгоритми далтонисти. А кој ќе ни ја проверува емоционалната писменост. Емоционално писмен е апсолутни писмен. Одлично знае што му треба на човештвото. Кој ќе ни ги детектира гревовите, злосторствата, криминалите... Ех да има некои премерувачи на добрина и на лошотија, на пример љубометри и злометри, доброметри и човекометри, па да нѐ уштекаат сите и да си sирнеме во душите. Ќе имаме можност да бегаме на време едни од други, емпатите од контра бандата на антиемпати, да бегаат како ѓавол од крст, пред да е доцна. Невозможно, емпатот во сѐ гледа добро и предизвик да го поправи лошото. Непоправливо е. Посакувам добрината да добие сила, да се избори против злото во сите можни облици. Добрината секогаш мисли за однапред и за сите, првин за другите, па за себе. Мисли на детето пред да му пука во грб, мисли на безбедноста на пешаците пред да ги прегази, мисли на безбедноста на локалот, објектот, пред да ги отвори, мисли што би било кога би било...Многу мисли за однапред пред да потпише непристојни предлози, донесе хаотични закони, исече дрвореди, упропасти јавен превоз, воздух, образование, здравство и сѐ по список. А на списокот сѐ, освен добрина. Добрина ни треба, добрина на тони, купишта добрина за да го исчисти сметот од лошотии и лошотилаци. А да, и подобри контејнери ќе ни требаат, многу ѓубре ќе се собира. Да добрееме, да си ги смилуваме срцата во добрина, таа не е глупост. Исто како и љубовта, тие се врв на емоционалната интелигенција. Лош човек не знае да сака. Не може и да сака, оти не научил од најраната возраст што е добро срце. Празници се ближат, да се зближиме во добрини и добри дела, да добрееме и кога ни е лошо.