Шарла е независна музичка издавачка куќа формирана во октомври 2013 во Скопје. Основачката идеја на овој зафат беше да се помогне во промоција и афирмација на млади македонски музичари (бендови и артисти) кои работат на авторска линија што резонира со музичките афинитети на луѓето околу Шарла. Тоа подразбира пред се автентичен и храбар музички став кој го рефлектира интимниот и специфичен однос ко
н се она што не опкружува и предизвикува емоции. Со се лудилото. Без конкретни стилски и жанровски ограничувања или било какви предрасуди, Шарла успеа да го задржи овој авторско-издавачки курс во изминатите неполни 9 години. Начинот на кој ги презентираме нашите музички протагонисти со силен ентузијазам и посветеност, преку креирање автентичен наратив/текст со кој се контекстуализира нивниот музички израз во време-просторот, комбинирани со неспорниот музички квалитет, ја сместија Шарла во кругот на најпочитувани независни издавачи дома и во поширокиот регион. Доказот е едноставен: 74 изданија позади нас, десетици објавени рецензии и авторски осврти во реномирани регионални музички магазини и портали. Музиката на наши артисти ги помина сите глобални меридијани, се заврте на еминентни независни радио станици од европските центри, преку британски радија до оние во Америка, Канада и Азија. Албумите со издавачки потпис на Шарла редовно се наоѓаат на годишните топ листи на најдобри музички остварувања. Сето ова за нас е сериозен ветар во грб да продолжиме со ова магично патување кое би било совршено бесмислено без вашата љубов, поддршка и внимание. Бескрајно сме ви благодарни за тоа. Продолжуваме..
Шарла
20.04.2022