10/07/2026
🎨👣📚 Работилница „(С)обувки“ – весело, разиграно и гласно читање на немата сликовница!
Дворот на библиотеката „Другарче“ вчера (9 јули) се претвори во најшарената, најгласната и најразиграната сликовница. 💛
На работилницата во организација на „Мама (ми) чита“, инспирирана од „(С)обувки“ – првата сликовница во Македонија без текст, создадена по идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ – децата ни покажаа колку далеку може да стигне детската фантазија кога ќе ѝ дадеме простор сама да раскаже приказна.
Убавината на оваа сликовница е токму во тоа што ги поттикнува имагинацијата, креативноста и наративните вештини кај децата, охрабрувајќи ги да создаваат сопствени светови и ликови... И токму тоа се случи вчера. Имавме вистински читачи и раскажувачи меѓу децата од предучилишна и раноучилишна возраст, кои со неверојатна леснотија и фантазија ја „читаа“ приказната од илустрациите и ја оживуваа пред сите нас. ✨
Децата читаа, пишуваа и цртаа приказни, создаваа херои и хероини, измислуваа неверојатни суштества и неочекувани пресврти. Ги измерија и своите боси стапалчиња – колку се големи во јули 2026 година 👣, бараа другарче со исти обувки, а возрасните уште еднаш се потсетија колку е важно децата да растат опкружени со книги и приказни.
„(С)Обувки“ нема текст, но има нешто можеби уште поважно – им дава слобода на читателите сами да ги создадат своите приказни инспирирани од неа. ❤️
Нашите „(С)обувки“ вчера чекореа низ светот на фантазијата – местото каде што нè води детската имагинација. 📚✨
#немасликовница