
10/13/2025
ЧИТАМЕ ВО ⅞ РИТАМ
На најголемиот деловно-книжевен настан во светот, Саемот на книгата во Франкфурт, годинава македонската книжевност ја презентираме како збир од нерамноделни, непредвидливи и оригинални гласови кои изненадуваат и фасцинираат.
Како што нашата музика има свој единствен ритам, и нашата книжевност пулсира со непредвидлива енергија, со ритам што заведува и не се заборава.
Од завршувањето на нашиот Саем на книгата во мај досега, работната група на МАИ вредно работеше на организацијата на нашето претставување на Саемот на книгата во Франкфурт.
Зад креативниот концепт оваа година се потпишува дизајн-студиото „Кома“ (Koma - design studio), кое го осмисли изгледот на нашиот национален штанд и на промотивните материјали.
Во Франкфурт ќе биде присутна делегација на МАИ, која пет дена ќе ја претставува нашата книжевност пред издавачи, агенти, автори, преведувачи и посетители од целиот свет.
Претставувањето е финансирано од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија (Министерство за култура / Ministria e Kulturës).